Холандија објави дека ќе издвои 500 милиони евра за купување американска воена опрема за Украина, со што стана првата земја-членка на НАТО што ќе се приклучи на новиот механизам за снабдување на Киев со американско оружје.
Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс во понеделник на мрежата X изјави дека пакетот ќе вклучува делови и ракети за системот „Патриот“, објавува Гардијан.
Генералниот секретар на НАТО и поранешен премиер на Холандија, Марк Руте, ја поздрави оваа најава и рече дека ги охрабрил другите членки на Алијансата да се приклучат на новиот механизам, наречен „Иницијатива на НАТО за приоритетни потреби на Украина“ (PURL).
„Станува збор за итно обезбедување на Украина со опремата што ѝ е потребна за одбрана од руската агресија“, рече Руте, додавајќи дека очекува „наскоро значајни најави и од други сојузници“.
Претседателот Доналд Трамп минатиот месец изјави дека САД ќе обезбедат оружје за Украина што ќе го платат европските сојузници, но не прецизираше како тоа ќе функционира.