Холандија во најкраток можен рок ќе испрати 200 одбранбени ракети на Украина, објави холандската влада во денешното писмо до парламентот, а воена помош испраќа и Чешка.
Холандската влада наведува и дека персоналот на холандската амбасада од западноукраинскиот град Лавов ќе биде префрлен во Јарослав во Полска, поради влошената безбедносна ситуација, пренесе Ројтерс.
Во писмото се наведува и дека врз основа на барањето од Украина, Холандија ќе обезбеди 200 ракети од типот Стингер.
„Заедно со нашите сојузници планираме да ги испорачаме ракетите што е можно поскоро“, се вели во писмото.
Ракетите се дел од опремата што Холандија ја вети претходно овој месец, заедно со пушки, муниција, радарски системи и роботи за откривање мини.
Чешката влада денеска одобри испраќање оружје во Украина во вредност од 8,57 милиони долари, со цел да се одбрани од рускиот напад, соопшти чешкото Министерство за одбрана.
Пратката, која ќе вклучува автоматски пушки и друго лесно оружје, ќе биде доставена до локацијата каде што ќе ја подигнат Украинците, додаваат од Министерството.
„Нашата помош (на Украина) не е завршена“, додаде Министерството на Твитер.

