Меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch), со седиште во Лондон, денеска во својот годишен извештај оцени дека меѓународната помош за Украина поради руската инвазија треба да се применува и во други земји каде што се прекршени човековите права.
Во извештајот на повеќе од 700 страници се споменуваат кршење на човековите права во 2022 година во светот, особено во Кина, Авганистан, Иран, Етиопија и Украина.
„Поради војната во Украина, во светот се вклучи светло за меѓународен одговор и посветеност на меѓународната правда“, изјави за Франс прес шефот на таа организација Тирана Хасан.
Организацијата наведе дека руските сили во Украина се извор на масовно кршење на човековите права, особено на цивилното население.
Таа додаде дека ја поздравува брзината на реакција на Меѓународниот кривичен суд, кој покрена истраги, како и санкциите воведени кон Русија од страна на Европската унија, САД и Велика Британија.
„Никогаш во историјата не сме виделе таков координиран меѓународен одговор“, рече Хасан, додавајќи дека таков одговор треба да се даде и на слични ситуации во други земји каде што се пријавени прекршувања на човековите права.
Хасан ги наведе прекршувањата на човековите права во регионот Тигра во Етиопија, во Кина против муслиманското малцинство, во Иран каде властите ги задушуваат протестите и во Авганистан каде што се кршат правата на жените.