Хари Мата Хари вечерва на градскиот плоштад во Куманово

Сподели со своите пријатели

Со Хари Мата Хари вечерва на градскиот плоштад во Куманово се очекува кулминација на Ноемвриските денови со кои се одбележуваат 499 години од формирањето и 74 години од ослободувањето на градот.

Низа настани ќе се одржат во текот на денешниот ден по повод „11 Ноември“. Рано утринава во 7 часот започна турнирот во риболов на реката Пчиња.  Во 11 часот е откриена спомен плоча во селото Пелинце, а веќе во 12 започнува турнир на пинг понг ветераните во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

Атлетската ноќна трка започнува во 18:20 часот на која голем број атлетичари и аматери од Куманово, но и останатите градови ќе трчаат низ кумановските улици.

Главната прослава започнува во 20:30 часот, кога свој настап ќе имаат првин кумановските естрадни уметници Мартинијан Кириловски, Ивона Јовановиќ, Марио Арангеловски и Мартија Станојковиќ. По нивните настапи се очекува и ѕвездата на вечерта Хари Мата Хари, а во меѓувреме и обраќање на градоначалникот Максим Димитриевски.

Свеченостите продолжуваат и утре. Во 11 часот на Спомен Костурница бројни делегации ќе положат свежо цвеќе, а во 12 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи и свечената седница на Советот на Општина Куманово каде ќе се доделат и Ноемвриските награди, а евроамбасадорот Самуел Жбогар ќе го добие признанието Почесен граѓанин на Општина Куманово.

Leave a Reply