Илјадници приврзаници на Михаил Саакашвили, поранешен грузиски претседател и сегашен украински опозиционер, повторно излегоа на улиците во Киев.
Како пренесуваат руските медиуми, демонстрантите се обиделе да го заземат Центарот за култура.
Околу 2.000 луѓе марширале по улиците во Киев, повикувале на импичмент на претседателот на Украина Петра Порошенко.
На протестот учествувал и самиот Саакашвили кој рекол дека нема да прави никакви договори со Порошенко и дека со него ќе разговара само за неговата оставка.
Поранешниот претседател на Грузија и гувернер на Одеса ги повика подржувачите да влезат во Меѓународниот центар за култура и уметност, позната како „Октомвриска палата“.
Припадниците на полицијата го блокираа влезот, а потоа дојде и до конфликт со демонстрантите.

Демонстрантите ги скршија влезните врата, а полицијата употреби и солзавец и апарати за гаснење пожар за да го спречи собирањето, но како пишува РИА, тоа не ги спречило демонстрантите да влезат во зградата.
Повеќе од 30 полицајци се повредени, соопшти украинското МВР, а повредени се и демонстранти.
Раша тудеј наведува дека демонстрантите набргу ја напуштиле зградата откако Саакашвили им наредил да се вратат на Плоштадот на независноста. Рекол дека во „Октомвриската палата“ во тој момент се одржувал концерт и сакал „невини луѓе да останат неповредени“.
Полицијата започнала истрага против оние кои влегле во Центарот за култура, а одредени украински службеници велат дека тоа е чин на тероризам, додека демонстрантите сепак тој акт го нарекуваат провокација.


