Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораес, одлучи да го суспендира гувернерот на Бразил, Ибанез Роча, на 90 дена, наведувајќи ги безбедносните пропусти што им овозможија на приврзаниците на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро да упаднат во зградите на федералната влада на Бразил.
Пред одлуката за суспензија, гувернерот Роча рече дека најмалку 400 луѓе биле уапсени по рациите на клучните владини згради во Бразилија, велејќи дека одговорните „ќе платат за извршените злосторства“, објави Си-Ен-Ен.
Судијата Мораес, исто така, нареди во рок од 24 часа да се распуштат камповите што ги поставија поддржувачите на Болсонаро пред воените бази, како и да се деблокираат патиштата и да се ослободат бразилските владини објекти, се вели во извештајот на Ројтерс.
Де Мораес нареди и да се блокира пропагандата на пучистите на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и ТикТок.
Претседателот Лула беше на претседателската позиција од 2003 до 2011 година, а минатата година во октомври, по безмилосната изборна кампања што го подели Бразил, во вториот круг од изборите го победи својот лут противник, десничарскиот и актуелен претседател Жаир Болсонаро со околу еден процент гласови, се потсетува во извештајот на Ројтерс.
Според официјалните резултати, Лула освоил 50,9 отсто од гласовите, а Болсонаро 49,15.
После тоа, протестните собири на приврзаниците на Болсонаро започнаа пред воените бази низ Бразил и повиците за воена интервенција за да се спречи Лула да продолжи со претседателската функција.
Камионџиите кои го поддржуваа Болсонаро ги блокираа патиштата низ земјата на 30 и 31 октомври, а на 2 ноември поддржувачите на Болсонаро одржаа масовни собири низ целата земја, повторно барајќи интервенција на вооружените сили на Бразил.
На 22 ноември, Болсонаро ги оспори изборните резултати, објаснувајќи дека гласовите од некои гласачки машини треба да бидат „поништени“, но властите ја отфрлија неговата жалба.
Истиот ден, судот ја потврди изборната победа на Лула и веднаш откако приврзаниците на Болсонаро се обидоа да го нападнат седиштето на федералната полиција во главниот град Бразилија.
Ситуацијата во Бразил не се смирува бидејќи два дена подоцна е уапсен маж кој се обидел да постави бомба во знак на протест против изборните резултати.
И покрај притисокот од приврзаниците на Болсонаро, Лула на 1 јануари по третпат положи заклетва како претседател и по тој повод изјави дека вистинскиот победник на претседателските избори е демократијата.
По политичкото насилство на илјадниците екстремно десничарски приврзаници на поранешниот претседател Болсонаро, новиот стар претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска ја посети вандализираната претседателска палата, објави лондонски Гардијан.
Масовните напади на приврзаниците на Болсонаро врз зградите на бразилската федерална влада и претседателската палата веднаш беа споредени со инвазијата на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на следбениците на Доналд Трамп.
Лула не беше во Бразилија кога избувнаа немирите, но одржа остар говор и го обвини Болсонаро за хаосот, ветувајќи дека „сите инволвирани ќе бидат казнети“.