Војната во Украина доведе до целосен прекин на светскиот пазар на гас, каде денеска е забележан скок од 30%.
Цената на гасот во Германија надмина 3.000 долари, а тоа е последица на нападот врз Украина што Русија го започна во четвртокот на 24 февруари, по што голем број западни земји одлучија да воведат санкции кон Русија.
Меѓу другото, германскиот канцелар Олаф Шолц го суспендираше проектот Северен тек 2, а таа компанија вчера почна да отпушта работници.
Веднаш по одлуката на Шолц се огласи и Дмитриј Медведев кој рече дека Европа наскоро ќе ја плати астрономската цена на гасот.
„Германскиот канцелар Олаф Шолц нареди суспензија на сертификацијата на гасоводот Северен тек 2. Добро. Добре дојдовте во новиот свет каде што Европејците наскоро ќе плаќаат 2.000 евра за 1.000 кубни метри гас!“, напиша на Твитер рускиот заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.