Палестинското движење Хамас денеска повика на продолжување на примирјето со Израел по договорените четири дена.
Во соопштението на таа група на Телеграм се наведува дека продолжувањето на примирјето се предлага со цел да се зголеми бројот на ослободените.
„Исламското движење Хамас се обидува да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, сериозно настојувајќи да го зголеми бројот на ослободени затвореници како што е наведено во договорот за хуманитарен прекин на огнот“, се вели во соопштението.
На 22 ноември, израелската влада го одобри договорот со Хамас со посредство на Катар за ослободување на 50 заложници во замена за четиридневен прекин на огнот.
Според договорот, Хамас ќе мора да ослободи уште 10 заложници за секој дополнителен ден од прекинот на огнот.
Примирјето може да биде продолжено најмногу за 10 дена, за време на кои би требало да бидат ослободени 300 затвореници, а израелската влада повторно да гласа за продолжување на примирјето, потсетува Тајмс оф Израел.