Палестинската милитантна група Хамас им предала на посредниците список кој наводно докажува дека 25 од 33 заложници кои треба да бидат ослободени се живи, изјави вчера официјален претставник на Хамас за Ројтерс.
Тој додаде дека посредниците му ја предале листата на Израел.
Хамас вчера потврди дека оваа недела ќе ослободи шест израелски заложници, вклучувајќи го и Арбел Јехуд, кој требаше да биде ослободен со четворица војници на ИДФ минатата недела.
Во исто време, израелската армија се повлече од коридорот Нецим, додека палестинските бегалци почнаа да се враќаат во северниот дел на Појасот Газа по таа рута по 15 месеци војна.
Израелскиот полковник Ави Банов вели дека некои од заложниците кои досега беа ослободени од Газа за време на прекинот на огнот, биле држени во тунелите на Хамас до осум месеци по ред, лишени од дневна светлина и со мал или никаков човечки контакт.
Тројца израелски цивили и четворица војници, сите жени, досега се ослободени од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари.
За возврат, Израел ослободи 290 палестински затвореници. Некои од нив ни кажаа дека биле во тунелите, под земја, последните неколку месеци“, рече Ави Банов во изјавата на интернет.
Израелската армија ги надгледува првите лекарски прегледи на кои заложниците се подложуваат по пристигнувањето на израелска територија.
Заложниците рекоа дека нивниот третман се подобрил во деновите пред нивното ослободување, рече Банов, кога им било дозволено да се тушираат, да се пресоблечат и да добијат подобра храна.
Цитирајќи ја приватноста на заложниците, тој не сакаше да каже дали некој од седумте заложници покажал знаци на тортура или злоупотреба.
„Некои не добија соодветен третман за раните здобиени кога беа заробени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, а некои покажаа знаци на благ глад“, рече Банов.
Планирано е 26 жени, деца, постари, болни или повредени заложници да бидат ослободени во првата шестнеделна фаза од прекинот на огнот.