Хамас го осуди американското вето во Советот за безбедност на ОН

Сподели со своите пријатели

Палестинската милитантна група Хамас ја осуди одлуката на САД да стават вето на нацрт-резолуцијата за прекин на огнот во Газа на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот, опишувајќи ја како „неморална и нехумана позиција“.

Loading...

„Американското попречување на резолуцијата за прекин на огнот е директно учество во убиството на нашиот народ“, рече Изат Ал Ришк, член на политичкото биро на Хамас, според Си-Ен-Ен.

Нацрт-резолуцијата претставена од Обединетите Арапски Емирати бара „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и обезбедување на испорака на хуманитарна помош.

За нацртот гласаа 13 земји, САД ставија вето, додека Велика Британија беше воздржана.

Соединетите Американски Држави претходно посочија дека не го одобруваат нацрт-текстот на резолуцијата.

Како една од петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето, САД постојано се спротивставуваа на повиците за прекин на огнот, нагласувајќи го правото на Израел да се брани по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, според Си-Ен-Ен.

Гласањето беше шести обид на Советот за безбедност на ОН да постигне консензус за војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Само едно претходно гласање беше успешно – кога минатиот месец беше договорено да се воспостави „хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, кој истече на 1 декември.

Loading...