Хамас добил нацрт-предлог за прекин на огнот во Газа?

Сподели со своите пријатели

Палестинската милитантна група Хамас добила нацрт-предлог за прекин на огнот во Појасот Газа, кој вклучува 40-дневна пауза во сите воени операции и размена од 10 спрема 1 на палестински затвореници за израелски заложници, неименуван извор познат. со преговорите изјави денеска за Ројтерс.

Loading...

Според предлогот, кој произлезе од преговорите во Париз, болниците и пекарниците во Газа ќе бидат поправени, 500 камиони со хуманитарна помош ќе влегуваат во енклавата секој ден и илјадници шатори и каравани ќе бидат доставени за сместување на раселените лица, рече изворот.

Изворот додава дека во нацртот се наведува дека Хамас треба да ослободи 40 израелски заложници, вклучително и жени, помлади од 19 години, болни и над 50 години, додека Израелците ќе ослободат околу 400 палестински затвореници кои нема да бидат повторно уапсени.

Посредниците ги засилија напорите да обезбедат прекин на огнот во Појасот Газа со надеж дека ќе спречат понатамошни израелски напади врз Рафах, дом на повеќе од милион раселени луѓе.

Американскиот претседател Џозеф Бајден претходно на телевизиската програма Ен-Би-Си изјави дека верува оти Израел го намалил бомбардирањето на Рафах и посочи дека Израелците се заложиле да евакуираат голем дел од тој град пред копнената инвазија, пренесува АП.

Бајден, исто така, нагласи дека Израел ќе биде подготвен за прекин на огнот во Газа следниот месец, за време на муслиманскиот празник Рамазан кој започнува на 10 март, доколку се постигне договор за ослободување на некои од заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група.

Тој додаде дека се надева оти прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас што ќе овозможи ослободување на преостанатите заложници може да стапи на сила на почетокот на следната недела.

Во конфликтот меѓу Израел и Хамас кој започна на 7 октомври минатата година, досега животот го загубија повеќе од 29.000 Палестинци и околу 1.300 Израелци.

Loading...