Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази длабока загриженост за ситуацијата во Авганистан и ги повика Талибанците и другите страни да покажат „максимална воздржаност“ со цел да ги заштитат човечките животи и да обезбедат исполнување на хуманитарните потреби.
Гутереш посочи дека поради конфликтот, стотици илјади луѓе ги напуштиле своите домови и дека имаат извештаи за сериозни прекршувања на човековите права во заедниците погодени од борбите.
Вонредна седница на Советот за безбедност на ОН поради Авганистан
„Особено сум загрижен за иднината на жените и девојчињата, чии тешко освоени права треба да се заштитат. Секоја злоупотреба мора да престане. Ги повикувам Талибанците и другите страни да обезбедат почитување и заштита на меѓународното хуманитарно право и слободи“, нагласи Гутереш.
Според него, тој ќе се обрати и пред Советот за безбедност на ОН на отворена средба за Авганистан.
Претходно беше објавено дека Советот за безбедност на ОН ќе се состане за да разговара за ситуацијата во Авганистан.
Авганистанската администрација вчера пропадна откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата и отиде во Таџикистан додека талибанците влегоа во Кабул.

