Гутереш повика на историски договор за климата

Сподели со своите пријатели

Светот има две опции – пакт за солидарност за климата или пакт за колективно самоубиство, предупреди во понеделникот генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на климатскиот состанок COP27 во Египет.

Loading...

Во говорот во Синајскиот Шарм Ел Шеик, Гутереш рече дека светот опасно се приближува до точката од која нема враќање што ќе ги направи климатските промени неповратни и дека човештвото „се движи по автопатот кон климатскиот пекол со ногата на педалата за гас“.

Во својот говор полн со предупредувања, Португалецот истакна дека е „добра вест“ што светот има знаење, финансии и технолошки средства за борба против климатските промени и дека шансата сѐ уште не е пропуштена.

Она што е потребно во „клучната деценија“, во која битката со климатските промени ќе биде „победена или изгубена“, е поголемо заедништво и меѓународна солидарност, посочи Гутереш.

Тој рече дека светот е соочен со многу кризи, но дека климатската криза не смее да се турка во втор план, особено што голем дел од актуелните конфликти се поврзани со „климатски хаос“.

„Војната во Украина го изложи големиот ризик од нашата зависност од фосилните горива“, нагласи тој.

Затоа Гутереш повика на „историски“ пакт меѓу развиените и економиите во развој во Шарм Ел Шеик, на кој присуствуваа повеќе од 120 шефови на држави.

„Или ќе има пакт за климатска солидарност, или пак за колективно самоубиство“, драматичен беше генералниот секретар на ОН.

Loading...

Предложениот пакт за климатската безбедност ќе се состои од дополнителни обврски на државите да ги намалат емисиите и да ја забрзаат енергетската транзиција на земјите во развој преку помош на побогатите нации и меѓународните финансиски институции.

Гутереш повикува на прекин на зависноста од фосилни горива и изградба на електрани на јаглен во земјите на ОЕЦД до 2030 година, а во остатокот од светот до 2040 година.

Тој ги издвои двете најголеми светски економии, Кина и САД, како земји со „посебна одговорност“ да го реализираат тој пакт.

Кинескиот претседател Си Џинпинг не доаѓа во Египет, додека американскиот претседател Џо Бајден пристигнува по среднорочните избори во вторник на кои републиканците кои се противат на меѓународната климатска акција би можеле да ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот.

Светот се надева дека двајцата лидери ќе се сретнат на маргините на состанокот на Г-20 што ќе се одржи на Бали и оттаму ќе испратат позитивен сигнал за средбата во Египет која завршува неколку дена подоцна.

Гутереш истакна дека треба да се врати довербата меѓу земјите од северот и југот и дека земјите од Г20 треба да преземат водство во климатските активности.

Генералниот секретар исто така рече дека светот мора да ја разбере „суровата вистина“ дека последиците од климатските промени се веќе тука, па повика на прашањето за механизмот „загуба и штета“, за кој ќе се разговара на овогодинешниот состанок, повеќе да не се „мете под тепих“, бидејќи тп е „морален императив“.

Станува збор за посебен фонд чија цел би била да им помогне на земјите да се справат со последиците од климатските промени, „оние кои најмалку придонеле за нив“.

Loading...

Во својот говор, Гутереш повика и на создавање универзални системи за рано предупредување за климатски катастрофи во рок од пет години, како и за оданочување на дополнителниот профит на нафтените компании со цел тие пари да се пренасочат кон климатските активности.