Технолошкиот гигант Гугл и агенцијата Франс прес постигнаа долгоочекуван договор според кој Гугл ќе и плаќа на француската агенција за онлајн користењето на нејзината содржина пет години.
Договорот е постигнат по 18 месеци тешки преговори за примена на таканаречениот „соседски закон“, директива на Европската унија за почитување на „авторските права“.
Тоа е прво партнерство од ваков вид склучено од страна на новинска агенција. Франција ги пренесе правата на авторите на ниво на Европската унија во своето национално законодавство во 2019 година.
„Тоа е договор на ниво на ЕУ, на сите јазици на АФП, вклучувајќи ги и земјите кои не ја транспонирале директивата на национално ниво“, рече извршниот директор на АФП Фабрис Фриз, кој го нарече договорот „пионерски“.
АФП произведува и дистрибуира мултимедијална содржина на шест јазици на своите клиенти во Франција и низ целиот свет.
Извршниот директор на Google, Себастијан Мисоф, изјави дека договорот покажува дека секогаш може да се најде решение.
Висината на договорот не е објавена, а според Директивата за авторски права, на медиумите им е дозволено да се плаќа за содржини што се користат на Интернет.
Таа директива беше усвоена од Европскиот парламент во март 2019 година по двегодишна дебата.
Од своја страна, Фејсбук објави неколку договори во октомври, вклучително и рамковен договор со Француската медиумска алијанса, кој предвидува на француските дневни весници да им се плаќа за користењето на нивната содржина две години.
Овие медиуми ќе добијат и финансиска компензација за учество во Facebook News, услуга посветена на информации што веќе е пуштена во употреба во САД и Велика Британија, а во Франција ќе биде во јануари 2022 година.
Низ светот, прашањето за споделување на приходите од интернет е во центарот на тензиите меѓу веб-гигантите и медиумите.
Во Данска медиумите најавија дека ќе се здружат за да преговараат за нивните авторски права со веб-гигантите, а во Австралија беше усвоен закон кој ги обврзува технолошките гиганти да им плаќаат на медиумите за користењето на нивната содржина.