Група од 27 американски сенатори го повикаа американскиот претседател Џозеф Бајден да ја одложи продажбата на борбени авиони Ф-16 на Анкара додека Турција не им дозволи на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО.
Повикот доаѓа додека Шведска и Финска чекаат Турција да ја одобри нивната апликација за влез во НАТО, јавува Си-Ен-Ен.
Извори од американскиот Конгрес претходно за Си-Ен-Ен изјавија дека администрацијата на Бајден се подготвува да побара од таа институција да ѝ одобри продажба на авиони Ф-16 на Турција, што би било најголема продажба на оружје на странска земја.
Ердоган неодамна изјави дека Шведска не треба да очекува поддршка од Турција за членство во НАТО по протестот одржан во близина на турската амбасада во Стокхолм минатиот викенд, во кој беше запалена копија од Куранот.
Минатата недела Турција го одложи претходно закажаниот состанок со претставниците на Финска и Шведска, откако турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека шведската влада била соучесник во палењето на Куранот за време на протестите во Стокхолм.
Финска и Шведска официјално поднеле барање за влез во НАТО минатата пролет, само неколку месеци по руската инвазија на Украина, и чекаат ратификација, додека Турција и Унгарија сѐ уште не го сториле тоа.