Група пратеници ја повикаа ЕУ да ѝ го одземе правото на глас на Унгарија

Сподели со своите пријатели

Група од 63 членови на Европскиот парламент побара од ЕУ да го повлече правото на глас на Унгарија во блокот, како одговор на неодамнешните посети на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва и Пекинг.

Loading...

Пратениците рекоа дека Орбан намерно изјавил дека овие посети ги прави во име на целата ЕУ, иако нема овластување за тоа.

„Премиерот Орбан веќе предизвика значителна штета преку искористување и злоупотреба на улогата на Претседателството на Советот“, се наведува во писмото објавено на Х, пренесува Ројтерс.

Писмото го потпишаа претставници на бројни политички групи во собранието на ЕУ, вклучително и десноцентристичката Европска народна партија, која, според агенцијата, е најголемата фракција во Парламентот, како и социјалисти, либерали, европски конзервативци и реформисти и Зелените.

Пратениците немаат формална можност да ѝ го одземат правото на глас на Унгарија, но тие се обидуваат да извршат политички притисок врз Брисел да преземе построги мерки против Будимпешта.

Европската комисија вчера соопшти дека ќе престане да испраќа комесари на неформални состаноци организирани од унгарското претседателство со ЕУ.

Унгарската влада одговори критикувајќи ја Европската комисија за „изборот“ на институциите и земјите со кои сака да соработува.

Орбан се состана со американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп минатата недела, пред да отпатува во Украина и Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин во Москва.

Loading...

Во Пекинг, тој се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, во, како што ја нарече „мировната мисија“ за ставање крај на војната во Украина.