Грчките пожарникари продолжија да се борат со пожарите во Олимпија, на полуостровот Пелопонез и на островот Евија.
Во Олимпија беа преземени значајни мерки за заштита на овој антички локалитет и археолошки музеј.
Откако изгореа дваесетина куќи, „огнот сега се движи кон областа Лала“, планинска шумска област североисточно од Олимпија, изјави локален претставник за грчката агенција АНА.
Олимпија, обично преполна со туристи во овој период од годината, и шест околни градови беа евакуирани во средата.
Повеќе од 170 пожарникари го гаснат пожарот од утрово, со помош на педесетина возила, хеликоптери и авиони.
Голем шумски пожар избувна на островот Евија, на околу 200 километри источно од Атина, во вторникот, уништувајќи стотици куќи и повеќе од 25.000 хектари борова шума.
Крајбрежната стража евакуираше околу 90 луѓе од северозападниот дел на островот, а агенцијата АНА објави дека жителите на уште две села на Евиа се евакуирани утрово.