Премиерката на Нов Зеланд, Џаcасинда Ардерн денеска објави дека границите на земјата ќе останат затворени барем до крајот на годината.
Таа објасни дека земјата планира да дозволи влез во првиот квартал од следната година без задолжителен карантин за вакцинирани патници од земји со низок ризик од коронавирус.
Според неа, за патниците од земјите со среден ризик, се планира самоизолација или карантин во хотел, додека невакцинираните патници и оние што доаѓаат од земји со висок ризик, сепак ќе треба да поминат 14-дневен карантин.
„Едноставно, сѐ уште не сме подготвени за целосното отворање. Кога ќе одлучиме за тоа, ќе бидеме внимателни и претпазливи, бидејќи сакаме тоа да се случи со што е можно поголема сигурност”, рече Ардерн, пренесува Ројтерс.
Строгите гранични контроли и географската локација му овозможија на Нов Зеланд да се ослободи од коронавирусот побрзо од другите земји, но таа островска земја на Пацификот со 5 милиони жители е речиси целосно отсечена од светот.
Ардерн беше пофалена низ целиот свет за начинот на кој строгите мерки во земјата спречија локално пренесување на вирусот.
Само околу 2.500 случаи на инфекција се регистрирани во Нов Зеланд од почетокот на пандемијата, а 26 луѓе починале.