Два и пол месеци откако на предлог на градоначалникот Максим Димитриевски беше воведен бесплатен автобуски превоз во Куманово, граѓаните масовно го користат.
Автобуските постојки се полни исто како и автобусите кои сообраќајат редовно на 27 линии.
Граѓаните со кои поразговаравме се задоволни од мерката и велат дека во време на криза кога сите давачки и производи се енормно поскапени, ова им овозможило да заштедат барем пари на превоз.
– И јас и мојот сопруг користиме автобус за да стигнеме до работното место. Имаме околу дваесетина работни денови во месецот, двајца по 60 денари дневно за превоз тогаш излегува дека месечно штедиме околу 50 евра што на оваа криза е добредојдена заштеда, вели кумановка која чекаше превоз од работа кон дома.
Бесплатниот превоз освен за приградските населби важи и кон селата кои гравитираат на територијата на Општина Куманово.
– Мерката е одлична. Јас живеам во селото Скачковце. Билетот во еден правец чинеше 180 денари два правци. Сега со тие пари ќе си купам некои намирници за дома, вели една повозрасна жена која денеска од селото дошла на градскиот пазар.
Граѓаните изразуваат надеж дека мерката ќе продолжи и во иднина оти се задоволни од резултатите што ги дава.
Токму тоа и беше целта на мерката, граѓаните да можат да заштедат во семејните буџети во време на економска и енергетска криза која од ден на ден ги јаде приходите на граѓаните.
– Во време на економско-енергетска криза граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето, рече градоначалникот Максим Димитриевски кога ја предлагаше мерката до Советот кој потоа едногласно ја донесе.
Како што посочи тогаш граодначалникот, локалната самоуправа ќе се стреми кон подобрување на услугата во јавниот превоз.
Во меѓувреме Општина Куманово денеска објави и интерактивна мапа со сите автобуски постојки во градот. Мапата можете да ја погледнете ТУКА. На неа освен локациите на постојките за секоја линија поединечно, истакнато е каде минува истата, како и времето на минување на автобусите.
Граѓаните ќе можат и да се обратат во диспечерски центар за оваа намена отворен на приземје во ТЦ Гарнизон.
Воедно отворена е и телефонска линија каде на бројот 031/444-003 граѓаните ќе можат да пријават проблеми или да добијат информации за градскиот превоз во период од 8 до 16 часот.
Според одлуката бесплатниот јавен превоз во Куманово ќе трае шест месеци почнувајќи од први јануари.