Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ во моментот располага со само едно активно пајак-возило, бидејќи второто е на редовен сервис кој би траел дваесетина дена.
Според директорот на претпријатието тоа значително го намалува бројот на подигнати непрописно паркирани возила.
– Моментално сме со еден пајак, бидејќи мораше едниот да оди на сервис, а сервисот на едно пајак возило трае повеќе од 20 дена“, истакна Маџовски.
Тој додаде дека ваквата ситуација влијае на ефикасноста на службата, оти за 50% го намалува кревањето на непрописно паркирани возила.
Маџвски апелираше граѓаните да бидат повниматели каде паркираат, бидејќи не е целта да се казнува или да се креваат возилата туку да се воспостави ред во сообраќајот.
– Апелираме и до граѓаните малку да водат ред околу пракирањето. Знаеме дека толку ни е капацитетот за паркирање и за дивите паркинзи и за нашите паркинзи, капацитетот е толкав. Да водиме ред, бидејќи нашата задача е најмалку да казнуваме или да им го земеме возилото па да утре викаат по нас дека тоа сме го направиле, изјави тој.
Според податоците, на дневно ниво се подигаат меѓу 25 и 40 возила, во зависност од сообраќајниот метеж.
Маџовски најави дека претпријатието ќе започне со реализација на Б зона за паркирање во текот на 2025 година, согласно претходно утврдената програма.
Првата фаза ќе започне во близина на училиштето „Бајрам Шабани“, каде што, како што вели, постои веќе подготвен проект.
– Се очекуваат околу 50 до 60 паркинг места. Точната бројка ќе ја знаеме кога сообраќајните инжинери ќе го направат целиот план, бидејќи треба да направат агли на вртење,“ рече Маџовски.
Во однос на булеварот „Октомвриска Револуција“, директорот посочи дека постојат спротивставени мислења меѓу граѓаните и затоа овој дел ќе се спроведува во подоцнежна фаза.
– Некои сакаат, некои не сакаат, но заедно во договор со Општината и СВР Куманово тоа ќе го изреализираме. Почнуваме дел по дел, но кога точно ќе биде тоа, не можам да ви кажам, посочи директорот.
Маџовски нагласи дека имплементацијата ќе се одвива постепено, поради потребата од дополнителни финансиски средства за изработка на нацрти и проекти.
Никола Ивановски