СВР Куманово поднесе кривична против М.С.(56) градоначалник на Општина Старо Нагоричане, И.Љ.(46) од Гостивар, правно лице ДПТТГТУ „ЛАБИНО ТРЕЈД“ ДООЕЛ с.Чегране, Гостивар и З.Н. (58) од Скопје, поради постоење основано сомнение дека М.С. сторил кривичното дело „злоупотреба на службена положба иовластување“, а заедно со И.Љ. и правното лице како соизвршители ги сториле кривичните дела „бесправно градење“, додека правното лице го сторило кривичното дело „узурпација нанедвижности“ а З.Н. го сторил кривичните дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување службена исправа“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Имено, М.С. како градоначалник вршејќи работи од јавен интерес, во вршење на неговото овластување и должност ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата должност, и на тој начин што не постапил согласно повеќе одредби од Законот за градење и Законот за експропријација при постапката за издавање на Одобрение за градење и запишување на градба од јавен интерес – општински пристапен пат помеѓу селата Никуљане и Челопек во должина од околу 3 км, односно не обезбедил доказ како право за градење – Имотен лист со запишано право на сопственост и со тоа ја оштетил Република Македонија.
Исто така не обезбедил конечно решение за експропријација, за кое не спровел постапка за експропријација на земјиштето и за плаќање на надомест на физички лица во чија сопственост било земјиштето, а на кое била проектирана трасата на предметниот пат, со што ги оштетил физичките лица за точно неутврден износ во вид на надомес. Потоа како овластено лице заедно со И.Љ. управител на правното лице ДПТТГТУ „ЛАБИНО ТРЕЈД“ ДООЕЛ с.Чегране, Гостивар кое било изведувач на градежните работи, сите како соизвршители го изградиле предметниот пат спротивно на Основниот проект за градба од 2011 година, изработен од ДИК „Дестера Проект“ ДОО Куманово, а при тоа дополнително заземале делови од туѓо земјиште лоцирани од двете страни и по целата должина на патот.
З.Н. дипломиран градежен инженер, како службено лице – главен надзорен инженер, назначен од Друштвото „ГЕИНГ“ ДОО Скопје за вршење на стручен надзор при предметниот пат, ги повредил законските прописи од Законот за градење со што му овозможил на изведувачот односно правното лице да ги продолжи и заврши, а потоа и да ги наплати извршените градежни работи и да оствари противправна имотна корист од 15.063.998 денари. При тоа истиот како службено лице-главен надзорен инженер со свој поптпис и печат заверил службен спис – Извештај за технички преглед од 25.11.2015 година во вид на Одобрение за употреба, во кој внел невистинита содржина и невистинити податоци дека патот е изграден согласно Основниот проект и таков Извештај со невистинита содржина го употребил како вистински пред надлежниот орган кој го издал Одобрение за градење, односно Општина Старо Нагоричане за понатамошна постапка, со што му овозможол на Друштвото „ГЕИНГ“ ДОО Скопје да се стекне со противправна имотна корист од 405.920 денари, колку што е вредноста на Договорот за вршење на надзор, а од друга страна за тој износ ја оштетил Општина Старо Нагоричане.