Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска на прес конференција даде отчет за сработеното во двегодишниот период од мандатот.
Од инфраструктурните проекти, асфалтирани и тампонирани се повеќе улици како во приградските, така и во руралните средини.
Асфалтирана е патна мрежа во должина од над 13 километри, тампонираната патна инфраструктура изнесува вкупно 10 километри, а бекатонирана е површина од 9.502 метри квадратни.
Од капиталните проекти во областа на инфраструктурата, како што истакна Димитриевски, изграден е кружниот тек на влезот на градот, повеќе детски катчиња, а создадени се и нови паркинг места.
– Изградба на првиот кружен тек, на влезот од градов кај крстосницата на булеварот „Трета МУБ” и улицата „11 Октомври”, каде од предвидените 5.000 метри квадратни асфалтирана површина, до овој момент се асфалтирани 2 500 м2. Изградено е детско катче и отворено кошаркарско игралиште во рамките на Рекреативниот комплекс Спортска сала. Изграден е нов паркинг на булевар „Октомвриска револуција”. Уреден е паркот пред Отворениот и Затворен градски базен. Проширен е и обележан паркинг простор на улица „Пелинска”. Изграден е паркинг склад за хаварисани возила на локација до Сточен пазар во Долно Којнаре. Изградба на мини парк на Градскиот кеј на река Липковка, кај населбата Средорек пред влезот на „Водовод”, пуштена е во употреба новата монтажна катна гаража во центарот на градот, со капацитет од 80 места за паркирање. По поставувањето на заштитните столбчиња на околните тротоари крак од улицата „11 Октомври”, пуштен е во употреба новиот паркинг со времен режим на локација „Берза”, со над осумдесет места за времено паркирање, рече Димитриевски.
Со договорот за јавно приватно партнерство ќе бидат поставени нови 9.340 светилки, со што целосно ќе се обнови целосно јавното осветлување во градот.
Продолжува и гасификацијата на повеќе објекти, вели Димитриевски, а од поголемите приклучоци кои се направени е приклучок во ООУ „Бајрам Шабани“, три приклучоци на колективни станбени единици, со преку 200 индивидуални станбени објекти, а во фаза на приклучок се уште три станбени единици и приклучок на 15 индивидуални станбени единици -куќи. Извршено е проширување на секундарна мрежа за гасификација на делница од улицата „Љупчо Арсов”, а приклучена е и станбена зграда на булевар “Октомвриска револуција”.

Реконструиран е Зелениот градски пазар преку проект со Општина Гњилане во областа на јавното претпријатие „Пазаришта“, додека пак со „Чистота и зеленило“ активно се уредува Спомен Костурница.
– Поставена е нова комунална опрема, преку менување на дотраени корпи и контејнери за смет,замена на клупи за седење и корпи за отпадоци. ЈП „Чистота и зеленило” постави и контејнери за примарна селекција на отпад и тоа меѓу првите во државата, во кој на 16 локации во градов се поставени три типа на нови контејнери, во кои одвоено се селектира отпад: стакло, хартија и пластика. Започнат е систем за перење на камиони на самата депонија, поставена е џпс опрема за следење на работа на камионите, како и постапка за мерење на целокупниот отпад. Оваа година поставени се 70 контејнери, 150 канти, 100 клупи, засадени околу 4800 садници, спроведени се околу 50 акции за чистење.Набавени се 3 метлачки машини за собирање на смет, додаде градоначалникот Димитриевски.
Во областа на образованието реконструирани се повеќе училишта во градот, од кои поголема обнова е направена во училиштето „Јероним де Рада“ во село Черкези, каде преку Министерството за озбразование и наука е изградена и спортска сала.
Куманово годинава е Град на културата, при што со 40 културни манифестации го доби оваа престижно признание од ресорното министерство и достојно го одбележа петвековниот јубилеј на градот, а воедно е и прв град во државата кој е прогласен за Град на спортот во Европа.
– Куманово е прв град во државава, кој ја доби титулата Град на спортот за 2019 година од Европската асоцијација на градови на спортот (АCES Europe) од Брисел, како престижно признание, кое се темели на досегашните спортски достигнувања, развојот на спортот, категории и возрасти, изградбата на спортски капацитети и спортската култура, кои беа оценувани низ тримесечни анализи на Асоцијацијата, рече Димитриевски.
Еден од покапиталните проекти на кој ќе се работи во иднина е затворање на депонијата Краста и започнување на проектот за Регионална депонија.
– Конечно се формираше регионално претпријатие кое во следните четири години, следува инвестиција капитална од 20 милиони евра со донација од Европската унија кад еконечно ќе го решиме проблемот со затворањето на депонијата на локацијата Краста и тоа ќе биде еден од најкапиталните проекти, но во рамки на предизборната кампања и програма има проекти кои што се дадени за реализација во четири години и во осум години. Тие капитални проекти се наведени за реализација во рамки на осум години, рече Димитриевски.

Лично, кумановскиот градоначалник е задоволен од сработеното во рамките на финансиските услови во кои функционира општината. Вели дека секогаш може повеќе, а се надева дека успешната соработка и поддршка од Владата ќе продолжи и во иднина.
– Секогаш можеме да добиеме повеќе поддршка, но мора да напоменам дека Владата обезбеди финансиски средства за враќање на дел од долговите на општините, каде влезе и нашата општина со некаде 117 милиони денари, средства што беа искористени за да се раздолжат обврските на основните и средните училишта и дел од тековните обврски на општините. Верувам дека во следниот период ќе продолжи позитивната клима во делот на соработка со владата и ќе бидат имплементирани поголем број на капитални проекти за што веќе упативме барање и до Владата и до ресорните министерства за конкретни проекти, додаде Димитриевски.
Од поголемите проекти во соработка со Владата, на денешната прес конференција Димитриевски ја истакна реконструкцијата на Ургентниот хирушки центар, како и обнова на повеќе регионални патишта кои минуваат на територијата на Куманово.
Целосната листа на проекти во досегашниот мандат на Димитриевски, прочитајте ја ТУКА.