Утре се навршува една година од мандатот на градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој повеќе од еден час на прес конференција ги објаснуваше проектите на кои неговиот тим работел во посочениот период.
Како што истакна Димитриевски асфалтирани се 19 улици во должина од 36.143 метри квадратни, додека 15 улици биле тампонирани со површина и 19.110 метри квадратни, а биле изградени и неколку километри тротоари, додека пак бекатон добиле девет улици.
– Заврши и проектот за рехабилитација и екстензија на рехабилитационата мрежа во Куманово, проект кој беше донација од Европската унија, а кој што ние како новоизбрани претставници на народот го затекнавме во фаза на реализација и воедно ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите претходни авторитети кои дале свој допринос за реализација на истиот, а истиот е во вредност од четири милиони евра преку програмата ИПА. Со овој проект беа опфатени вкупно 54 локации на територијата на нашата општина каде се изгради комплетна нова фекална канализација, а на одредени локации беа реставрирани постоечките инфраструктури, рече Димитриевски.
Како што рече градоначалникот Димитриевски извршени се поправки на плоштадот, на што ги повика граѓаните да се однесуваат совесно и да не ги уништуваат.
Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ има поставено 60 нови канделабри на двата плоштади кои имаат модерни лед светилки, а во тек е проект со современ тип на осветлување на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ и градскиот кеј.
– Општина Куманово заедно со ЈП „Чистота и зеленило“ и „Куманово паркинг“ започна со реконструкција на постоечките патеки на Спомен Костурница и изведбите се во финална фаза, а воедно успеавме да го реконструираме осветлувањето на оваа за нас важна локација, бидејќи сите ние мора да го почитуваме она што е дел од сите нас, а тоа е нашето минато. Се надевам дека ќе успееме тоа што го направивме таму сите да го сочуваме, а од страна на ЈП „Чистота и зеленило“ воведена е надзорна служба на оваа локација, додаде Димитриевски.
Во изминатата година завршена е првата, а веќе започна и втората фаза од регулацијата на речното корито, при што во тек е изградба на мал парк пред Јавното претпријатие „Водовод“. Исто така во населбата Средорек ќе бидат дислоцирани одредени објекти кои се дивоградби, со што дел од објекти на „Водовод“ ќе бидат срушени, а речното корито ќе се прошири во населбата.
– Успеавме да поставиме 40 нови средства за смирување, т.е. за успорување во сообраќајот, популарно наречени лежечки полицајци, истите да ги одбележиме хоризонтално и вертикално. Петнаесет од нив се од тип подигнат пешачки премин и 25 стандардни средства за успорување. Воедно реализиравме повеќе проекти за хоризонтално и вертикално обележување на сообраќајните површини, а исто така и една крстосница на „Октомвриска револуција“ доби семафорска сигнализација, рече Димитриевски.

На сила е и проектот за нулта толеранција за узурпација на јавните прометни површини, поради што финансиската состојба на ЈП „Куманово паркинг“ е значително подобрена.
Како еден од капителните проекти ќе биде изградбата на катна гаража, за кој договорот е веќе потпишан, а со кој се очекува ублажување на сообраќајниот хаос во градот.
– Катна гаража од монтажен тип, урбана опрема пред Центарот за култура и очекуваме целосна реализација до крајот на годината, вели градоначалникот на Куманово.
Со „Водовод“ е започната замена на старите водомери со нови ултразвучни со далечинско управување, проект кој ќе се реализира и во следниот период. Досега, како што посочи градоначалникот сменети се 1.000 водомери од проектот вреден 1,65 милиони евра.
– Во овој период ЈП „Куманово гас“ постави вкупно 2.055 метри гасоводна мрежа. Со одлука на Советот, општината започна со субвенционирање со 10.000 денари на еден приклучок на гас на секое домаќинство. За една година изградени се три приклучоци на колективни станбени згради со со околу 200 станбени единица и 20 индивидуални станбени единици. Проширена е секундрната гасоводна мрежа со интенција на приклучување на ООУ „Бајрам Шабани“ и истото е во постапка на обезбедување градежна дозвола со цел до крајот на ноември да го реализираме овој проект, изјави на отчетот Димитриевски.
Чистени се диви депонии во населбата Перо Чичо, кај пазарот во Долно Којнаре, околу фабриката ФЗЦ, Спомен Костуирница, Железничка, Средорек, Стариот млин и локацијата „Туш“ во Перо Чичо. Сепак Димитриевски, набројувајќи ги овие локации посочи дека оваа интенција на граѓаните не престанува при што упати апел да ги пријавуваат ваквите случаи пред инспекциските служби.
За два милиони денари исчистени се речните корита на Кумановка, Липковка и Којнарка.
– Следната година најавувам дека ЈП „Чистота и зеленило“ ќе добие дополнителни средства од страна на Општина Куманово согласно одлука на Советот да воведе дополнително чистење и одржување на речните корита, а тоа значи физички да се изнесува од страна на наши тимови на луѓе сметот кој што е исфрлен, посочи градоначалникот.
Ќе продолжи озеленување на сите јавни површини во градот каде тоа може да се направи, рече првиот човек на Куманово, со цел се направи модерен зелен град.
Загадувањето на воздухот како што рече Димитриевски е резултат на несоодветен материјал за затоплување. Огревното дрво, како што додаде, треба да биде прописно исушено за да се намали процентот на штетни гасови. Најави продолжување на аеросолизацијата на улиците со цел да се намали загадувањето.
– Во тек е проект за реконструкција на второ ниво на зелениот пазар, проект кој го реализираме како резултат на прекугранична соработка помеѓу јавното претпријатие „Пазаришта“ и јавното претпријатие од соседно Косово, со овој проект ќе го разубавиме пазарот, санитарните јазли и дополнителните услуги кои ќе бидат дадени на користење на граѓаните, а воедно ќе биде извршена дополнителна едукација на тргоците кои ги држат тезгите, рече Димитриевски.
Во селото Черкези во тек е изградба на Центар за ран детски развој, како и спортска сала, која ја гради Владата на Република Македонија. Во тамошното училиште „Јероним де Рада“ во тек е и целосна замена на фасадата, санитарија, подови, врати и прозорци.
Спортска сала ќе добие и економското училиште во касарната во Бедиње, преуреден е Пионерскиот дом во детска градинка. Вкупно 78 самохрани родители добиле субвенции од општината за вода и смет на месечно и годишно ниво.
– Во финална фаза сме на отпочнување со работа на новопланираното јавно претпријатие за просторно и урбанистичко планирање во градот. Имаме за цел да ги собереме сите млади, едуцирани и квалитетни луѓе во делот на градежништвото, но исто така и оние со поголемо искуство и да го испланираме Куманово на период 20028-2038 година, да оставиме урбанистички рамки во кои ќе се движат сите оние кои ќе дојдат во иднина да ја обавуваат функцијата градоначалник или советници, изјави Димитриевски.
Тековните долгови на општината се намалени за 35 милиони денари, исто како и на јавните претпријатија.
– Јавното претпријатие „Куманово гас“ имаше обврски пред една година од 3 милиони денари, денеска истото должи 97 илјади денари. Оваа јавно претпријатие за жал се уште генерира губитоци на годишно ниво и без поддршка на општината не може да се развива. За докапитализација на оваа претпријатие, бидејќи општината нема толку пари, ќе бараме јавно-приватно партнерство кој ќе биде подготвен финансиски да влезе да го докапитализира со една цел гасот да пристигне до голем дел од домаќинствата во нашиот град и на тој начин да дојдеме до почист град и поевтин енергенс, изјави Димитриевски.


