Градоначалникот на францускиот град Вилнев де Марк е тешко повреден и хоспитализиран откако непознато лице го нападнало со тап предмет, објавија француските медиуми.
Градоначалникот Жил Дисо (63) е примен во болницата во Лион на одделот за интензивна нега, објави Фигаро.
Тој бил повреден од непознат напаѓач додека одел по улицата со својот 28-годишен син, кој бил полесно повреден во нападот и исто така бил хоспитализиран.
Напаѓачот избегал со возило по инцидентот, но го напуштил откако удрил во ѕид и успеал да се извлече, а полицијата сè уште го бара.
Како што објавија локалните медиуми, се верува дека осомничениот за нападот е локален жител.
Во врска со инцидентот, францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека „нацијата е на страната на избраниот функционер кој бил нападнат“.
„Кога нејзините претставници се нападнати, Републиката мора да биде сурова и бескомпромисна. Се прави сè за да се пронајде и осуди сторителот на овој кукавички чин“, рече Макрон на платформата X.
Шефицата на префектурата Изер, Катрин Сегин, го осуди ова најостро во изјава како „сериозен и неприфатлив чин против избран функционер кој работи во општ интерес“.
Министерот за регионално планирање, Франсоа Ребсамен, социјалист, исто така го осуди инцидентот, велејќи дека е шокиран и разочаран од насилниот напад врз градоначалникот и неговиот син.
„Напаѓачот мора да биде пронајден и строго казнет“, напиша тој на платформата X.