Гордиев јазол

Сподели со своите пријатели

Заглавивме во парадокс. Пред нас е едноставна равенка без непозната, која има голем број на решенија.

Владеењето на инстицуциите по принципот на ментална порнократија и затворање од светот на прогресот и напредокот, нè доведоа до резултатот што го имаме, а резултатот е варварско однесување кон системот на општествените вредности.

Политичарите кои владеат со државава во последниве десет години, не се никакви државници, а управуваат со државата така што инсистираат исклучиво на анестезија на различни мислења и наметнување на своите цели како општествени.

Патот до таа тиранија совршено е направен со помош на добар дел од народот кој на почетокот му даваше голема подршка на владејачкото мнозинство. Паралелно со тоа, пастирот што беше на чело, успеа наклоноста од народот да ја искористи и да влезе во секоја пора на нашето општество. Повеќемина од нас веќе не можат да го разликуваат ненормалното од нормалното и обратно.

Шекспир одамна има кажано дека оној момент кога кралот седнува на престолот и кога неговите поданици ќе го крунисуваат, почнува и неговиот пад. Колку брзо ќе падне кралот – зависи од него, но и од интелигенцијата на народот да ги увиди неговите чекори „од денес за утре“.

Можам да ја разберам дилемата на луѓето кои се уценети со егзистенција и можам да ги разберам истите дека поради стравот од губење на работа, гласаат против совеста. Тоа што ги разбирам, не значи и дека ги оправдувам. Она што не можам да разберам е фактот дека премолчевме очигледно (само)убиство со два куршума во градите пред некое време. Не можам да разберам дека се дели хуманитарна помош по партиска основа и дека премиерот нè става во проценти, која партија колку дала волонтери и многу други работи. Е, тоа не можам да го разберам, колку и да се трудам.

Уништени се сите општествени односи (политички, економски и финансиски). Фаталната грешка на приучениот Алхемичар кој сопственото его го гледа како каменот на мудроста.

Држава не може да ја води само еден човек. Ниту, пак, некоја мала група. Времето на диктаторите е минато затоа што тие не можат да го носат товарот на една модерна нација.

Секое намалување од мултидимензионално општество на дводимензионална фамилија која е на власт без оглед на тоа колку сее страв и насилство, е осудена на пропаст и неуспех.

И секогаш тие обиди, тие антипроцеси, доведуваат до ситуација во која “Pater familias” станува Гордиев јазол, врзан со последица од наметнување на личните интереси како општи.

Одврзувањето на Гордиевиот јазол е секогаш исто. Оние кои му помогнаа на патот кон тиранијата, ќе го решат со еден чекор, што е само едно од лошите решенија на равенката од почетокот на текстот. Но, значи излез од парадоксот.

Постои и најмалку лошо решение – Гордиевиот јазол самоволно да се тргне. ВЕДНАШ И ЗАСЕКОГАШ!

Пишува: Емил Ташевски – Дипломиран Инженер по Информатика