Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која од полноќ драстично се зголемува цената на нафтените деривати.
Според одлуката на РКЕ од полноќ, бензините поскапуваат за 5,50 денари/литар, а дизелот за 10,00 денари/литар.
Ова се новите цени на горивата кои ќе важат од полноќ:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 89,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 91,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,319 (денари/килограм)
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера истакна дека доколку горивата поскапат, Македонија сепак ќе ги има најниските цени во регионот на нафтените деривати.
-Ве уверувам дека цените на нафтата и нафтените деривати во Северна Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали ако ги споредуваме со цените на соседите, истакна вчера Бектеши кој потенцираше дека сите резерви и државни и оперативни се полни, а испораките се прават редовно.
Ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.
– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информирала и Владата и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните.
Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.
– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.
Од РКЕ посочуваат дека цените на нафтените деривати на светските берзи растат над 21 процент.

