Голем пожар од вчера беснее во липковско Слупчане, а освен пожарникарите во гаснењето се вклучени екипи од повеќе институции.
Како што информираат утринава од Регионалниот центар за управување со кризи, гори сува трева и нистостеблеста шума. Вчера околу 15:30 часот на терен излегле шестмина пожарникари со две противпожарни возила.
Половина час подоцна во гаснењето се вклучиле и две екипи на Шумско стопанство Куманово со две возила и осум вработени лица.
Активно учество во гаснењето земала и една екипа од Армијата со шестмина припадници.
Во текот на вчерашниот ден ТППЕ Куманово го локализирало пожарот кој се движел кон село Ваксинце и воените магацини и околу 21:45 часот се вратиле во своите простории.
Во раните утрински часови бил изгаснат пожарот кој се движел кон селото Руница.
Утринава се прави обиколка на опожарената површина од страна на Шумското стопанство, но како што информираа од ЦУК во утринскиот извештај пожарот се уште се води како активен.
Кумановските пожарникари интервенирале во липковксо опае каде горела викендица, како и во месноста Стара Циглана каде горела сува трева.
Никола Ивановски