Заканата од терористички напади, но и бегалската криза воопшто не претставуваат пречка и оваа година голем дел од граѓаните на Куманово за време на велигденските и првомајските празници да заминат во странство.
Продолжениот викенд им ги наполни рацете на туристичките агенции во градот, каде се резервирани сите можни аранжмани, како за соседството, така и за подалечните дестинации.
Со оглед на типот на патувањата имаме различни типови на патници за овие празници, така што некои се одлучуваат да одат на далечни патувања како што се Прага, Милано, Баварија, претежно помладите, додека другите се одлучуваат да ги поминат во хотелски сместувања претежно во Србија, Соко бања и Врњачка бања, додека во Бугарија на пример одат во хотелско сместување во Банско и во Боровец – изјави Мери Миновска, сопственик на туристичката агенција „Мерион травел“.
Според Миновска бегалската криза која ја зафати Грција не е проблем за граѓаните на Куманово, затоа што огромен дел од резервациите се токму кај јужниот сосед.