Голем број села ни зкумановскиот крај веќе втор ден немаат напојување со електрична енергија.
До нашата редакција утринава се обратија жители од повеќе села, меѓу нив и од селото Клечовце од каде велат дека веќе два и пол дена нема струја.
Иако од ЕВН утринава за Кумановски Муабети изјавија дека во дел од селата снабдувањето е нормализирано, жителите велат дека тоа не е точно.
Храната што ја имале како залиха, велат дека секако ќе ја фрлат, но и сточарите ќе мора да го расипат млекото кое го продаваат на млекарниците.
– Ништо не е нормализирано. Кој и како ќе им ја оправда штетата на стоачрите кои имаат млеко и го даваат на три дена во млекарница, а во меѓувреме го чуваат дома, прашува жител на селото.
Реакции стигнаа и од жители од Довезенце и Јачинце, кои ги имаат истите маки.
Од ЕВН Електродистрибуција велат дека проблемот е испад на далекувод од 20кВ, поради кој дел од селата вчера останале без електрична енергија.
– Екипите на Електродистрибуција веднаш излегоа на терен и го нормализираа снабдувањето со електрична енергија за поголемиот дел од засегнатите села. Тие продолжуваат со работа се до целосна санација на дефектот и нормализирање на снабдувањето и за преостанатиот дел од корисниците, велат од Електродистрибуција во кусиот одговор кој го побаравме уште вчеравечер, а го добивме утринава.
На контакт центарот за пријавување дефекти има снимено и автоматска порака која известува дека без струја се селата: Стрезовце, Јачинце, Довезенце, Бељаковце, Канарево, Добрача, Дренак, Облавце, Сув Орах, Војник и околината.
Вчера без струја беше и дел од населбата Перо Чичо, но како што дознаваме, таму утринава снабдувањето е нормализирано.
Мештаните на селата го губат трпението, а кога ќе се нормализира снабдувањето засега не е познато.
Никола Ивановски

