Граѓаните на Куманово покажаа голем интерес за обуките кои годинава ги реализираше Центарот за вработување Куманово во рамките на оперативниот план на Владата на Република Македонија.
Како што посочи раководителот на кумановскиот центар, Марија Димитријевска, околу 80 лица завршиле курс по странски јазик, а 15 лица се стекнале со сертификат за основни компјутерски вештини.
– Доста голем интерес имаше и за обука за странски јазици за трите најчесто користени јазици во Европската унија, англиски, француски и германски, околу 80 лица на ниво на Центарот за вработување Куманово се стекнаа со сертификати за завршена обука од соодветните јазици и соодветното ниво затоа што секое невработено лице аплицираше за оној степен за кој смета дека му е потребен, така да се формираа повеќе групи од основно ниво до напрадено ниво и сите ги завршија своите обуки и се стекнаа со сертификати. Во оперативниот план беше предвидена и обука за основни компјутерски вештини, значи „Офис“ пакетот, 15 лица се здобија со сертификат за основни компјутерски вештини, изјави Димитријевска.
Во оперативниот план на Владата беше предвидена и обука за напредни ИТ вештини, преку која заинтересираните имале можност да се стекнат со повисок степен на знаење за програмирањето.
– Во оперативниот план беше предвидена и обука за напредни ИТ вештини. Лицата кои веќе имаат некои предзнаења или познавања, значи повисок степен на познавања, да го усовршат своето знаење во делот на програмот „Јава“, односно програмирање „Јава“ како и тестери за квалитет на софтвер. Девет лица на ниво на Центарот за вработување Куманово се здобија со овие сертификати. Обуката се одвиваше во „Семос“ во Скопје, тие се сертифицирани обучувачи за да можат да издадат меѓународно признаени сертификати за овие обуки.
Вкупно 32 лица годинава биле вклучени во мерката за извршување јавни работи и проект од инфраструктура и заштита на животната средина при што биле ангажирани да извршуваат дејности на подрачјето на општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково.
Целта на ваквите обуки е зголемување на степенот на вработливост и конкурентност на пазарот на трудот.