Во декември годишната стапка на инфлација во Турција падна од 47,09 отсто во ноември на 44,38 отсто и сега е најниска во последните 18 месеци, објави денеска Турскиот институт за статистика (Туркстат).
Ова е седми последователен пад на годишната инфлација во Турција, која сега е најниска од јуни 2023 година, кога изнесуваше 38,2 отсто.
Во декември цените на храната и безалкохолните пијалоци се зголемени за 43,58 отсто на годишно ниво, трошоците за домување, вода, струја, гас и други горива за 69,03 отсто, алкохолните пијалоци и тутунот за 39,28 отсто, услугите во хотелите, кафулиња и ресторани 57,13 отсто, во комуникации 34,08 отсто, рекреација и култура 37,57 отсто, што во сите наведени случаи е побавен раст од ноември.
На месечна основа, цените во Турција се зголемени за 1,03 отсто во однос на ноември, што претставува забавување во однос на растот од 2,24 отсто од претходниот месец, објави сајтот Туркстат, пренесува Танјуг.
Централната банка на Турција (TCMB) на 26 декември одлучи да ја намали референтната каматна стапка за 250 базични поени на 47,5 отсто, со што го заврши деветмесечниот период кога ја задржа каматната стапка на ниво од 50 отсто.
Комитетот за монетарна политика на ТЦМБ, предводен од гувернерот Фатих Карахан, ги надмина очекувањата на аналитичарите на Блумберг кои очекуваа намалување од 175 базични поени.
Банката одлучи делумно да ја задржи рестриктивната монетарна политика со стеснување на таканаречениот коридор на стапки од 600 на 300 базични поени и не се обврза да продолжи да ги намалува каматните стапки на следните состаноци, додава во таа прилика њујоршката агенција.