Жена која тврди дека добила џекпот од 26 милиони долари, извлечен на ждрепка во Калифорнија, вели дека добитното ливче го оставила во џебот на фармерките и го уништила додека ги перела, пишуваат американските медиуми.
Добитното ливче од СуперЛото Плус било продадено во продавница во Норволк, округот Лос Анџелес, во ноември.
Жената, чиј идентитет не е познат, наводно била снимена од надзорна камера додека го купувала билетот, но рокот за потрага по големиот сопственик истече во четвртокот.
Организаторите на лотаријата велат дека добивките мора да бидат пријавени во рок од 180 дена по извлекувањето, одржано на 14 ноември.
Портпаролката на лотаријата во Калифорнија, Кети Џонстон изјави дека снимката од продавницата не е доволна и дека е потребен „убедлив и значаен доказ дека го имате ливчето“.
Ова не е прв пат луѓето да тврдат дека купиле добитни тикети, а подоцна не можеле да ги покажат.
Доколку не биде потврден добитникот на џекпот, парите ќе бидат распределени на јавните училишта во Калифорнија, соопштија организаторите.