Уникатната медицинска студија спроведена од бразилски кардиолози покажала дека пациентите кои гледале телевизиски комедии имале подобрување во кардиоваскуларните проблеми.
Старата поговорка дека „смеата е најдобриот лек“ можеби содржи елемент на вистината кога станува збор за здравјето на срцето.
Студијата покажа дека смеењето предизвикува проширување на ткивото во срцето – и го зголемува протокот на кислород низ телото.
Кај пациентите со коронарни заболувања кои биле вклучени во терапија со смеа, дошло до намалување на воспалителните процеси и подобрување на здравствената состојба, покажало истражувањето.
„Нашето истражување покажа дека терапијата со смеа го зголемува функционалниот капацитет на кардиоваскуларниот систем“, вели водечкиот автор на студијата, професорот Марко Сафи, од болницата во Порто Алегре во Бразил.
Наодите беа претставени на годишниот состанок на Европското здружение за кардиологија во Амстердам, најголемата светска конференција за срцеви заболувања.
Ова е прва студија од ваков вид спроведена од научници за да се испита дали терапијата со смеа може да ја подобри состојбата на пациентите со срцеви заболувања.
Во истражувањето учествувале 26 возрасни лица со просечна возраст од 64 години, на кои им била дијагностицирана коронарна артериска болест предизвикана од акумулација на наслаги во ѕидовите на артериите кои го снабдуваат срцето со крв.
За време на тримесечното времетраење на студијата, половина од учесниците гледале два различни канали кои емитувале популарни комични ситкоми по еден час секоја недела.
Другата половина гледала програми со документарни филмови за политика или глобалното затоплување.
Конечно, по 12 недели, пациентите кои ги гледале комедиите покажале подобрување за 10 проценти во тестот кој мери колку кислород може нивните срца да пумпаат во крвотокот.
Групата покажала подобри параметри и според друг критериум што бил тестиран, а тоа е дека нивните артерии подобро се прошириле.
Им биле дадени и неколку тестови на крвта кои ги мереле воспалителните биомаркери, кои покажуваат колку наслаги се акумулирале во крвните садови и дали луѓето се изложени на ризик од срцев или мозочен удар.
Резултатите покажаа дека овие инфламаторни маркери беа значително намалени во споредба со контролната група.
„Кога пациентите со коронарна болест пристигнуваат во болница, тие имаат високи вредности на воспалителни биомаркери“, забележува проф. Сафи.
Воспалението е клучен дел од процесот на атеросклероза, кога наслагите се акумулираат во артериите.
„Оваа студија покажа дека терапијата со смеа може да помогне да се намали воспалението и да се намали ризикот од срцев и мозочен удар.
Терапијата со смеа би можела да се примени во здравствениот систем за пациенти со ризик од срцеви проблеми, смета професорот.
„Не мора да бидат само ТВ-програми – луѓето со срцеви заболувања можат да присуствуваат на вечери на комедии или да се охрабруваат да уживаат во забавните ноќи со пријателите и семејството што е можно почесто. Луѓето треба да се трудат да прават работи што ќе ги насмеат барем двапати неделно“.
Во иднина, додава проф. Сафи, терапијата со смеа исто така може да помогне да се намали зависноста од дрога.
„Смеата му помага на срцето бидејќи ослободува ендорфин, кој го намалува воспалението и помага на срцето и крвните садови да се опуштат“, објаснува кардиологот.
Исто така, го намалува нивото на хормоните на стресот, кои го оптоваруваат срцето.
„Смеењето им помага на луѓето да се чувствуваат посреќни во целина, и знаеме дека кога луѓето се посреќни, тие повнимателно се придржуваат до нивната препишана терапија“.
„Охрабрувачки е да се види дека нешто толку едноставно и широко распространето може да има корист за нашето здравје, но потребни се повеќе истражувања за да се утврди дали самото смеење доведе до забележаните подобрувања и колку долго може да траат ефектите“.