Главниот обвинител на Венецуела Тарек Вилијам Сааб најави покренување кривична истрага против опозицискиот претседателски кандидат Едмунд Гонзалес и опозициската лидерка Марија Корина Мачадо поради нивниот повик до вооружените сили да не го послушаат венецуелскиот претседател Николас Мадуро и „да престанат да ги репресираат демонстрантите“.
Саб рече дека Гонзалес и Мачадо „лажно прогласиле победник на претседателските избори“ и дека кандидатот не бил прогласен за победник од Националниот изборен совет, кој сам има овластување за тоа, пренесува АП.
Обвинителот додаде дека двајцата отворено ги охрабрувале полициските и воените службеници да не го почитуваат законот.
Според него, Гонзалес и Мачадо извршиле и други злосторства, вклучително и узурпација на функцијата и ширење лажни информации со цел да предизвикаат страв и заговор.
Гонзалес и Мачадо претходно преку писмена порака ги повикаа припадниците на венецуелските безбедносни сили да се откажат од својата лојалност кон венецуелскиот претседател Мадуро.
„Апелираме до совеста на армијата и полицијата да застанат на страната на народот и нивните семејства. Ние победивме на овие избори без никакво сомневање. Сега на сите нас е да го почитуваме гласот на народот“, велат Гонзалес и Мачадо.
По изборите на 28 јули, изборната комисија во Венецуела го прогласи Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник со 51 отсто од гласовите, но опозицијата тврди дека е измама и дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес победил со 67 отсто од гласовите.