Црна Гора не презема никаква русофобна политика, а доколку рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров сериозно размислувал да ја посети Србија, знаел каков ќе биде одговорот на земјите на воздушната линија меѓу Москва и Србија, изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ вели дека обидот на Лавров да добие дозвола за лет од земјите членки на НАТО кои ја усогласиле својата надворешна политика со Европската унија е „обична политизација и обид да се создаде илузија на русофобна атмосфера во денешна Европа“.
Тоа го рече синоќа во изјава за турската агенција Анадолија, коментирајќи го откажувањето на посетата на Лавров на Србија, која следеше откако Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија го затворија воздушниот простор за авионот на шефот на руската дипломатија.
На прашањето дали очекува непријателски чин или одмазда од Русија поради одлуката за затворање на воздушниот простор, Ѓукановиќ потсети дека „Русија веќе ја стави Црна Гора на списокот на непријателски земји“.
Црногорскиот претседател, кој е во посета на Истанбул, вели дека тоа е „прилично радикален историски пресврт“ и потсети дека Црна Гора и Русија пред неколку години прославија три века меѓудржавни односи.
„Црна Гора не презема никакви русофобични политики, ниту се смени почитта што ја имаме кон Русија, кон рускиот народ и кон традицијата на нашите меѓусебни односи. Она што ние ја осудуваме е политиката на агресија“, рече Ѓукановиќ.
Објаснувајќи ги рестриктивните мерки против Русија, Ѓукановиќ рече дека тие се во функција на одговор на агресија и се целосно усогласени со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.