Ѓорѓевиќ: „Ќе се залагам за поинклузивно Куманово, каде еднаквоста ќе биде начин на живеење“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

„Белиот стап не е само симбол на слепилото и оштетениот вид, тој е симбол на еднаквоста и самостојниот живот,“ изјави Христијан Ѓорѓевиќ, магистер по правни науки и кандидат за советник од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово, на денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на белиот стап.

„Како лице со оштетен вид секојдневно се соочувам со различни предизвици кои за некого се едноставни – како премин на улица, читање на документи и движење низ градот. Но секогаш избирам да не се откажам, затоа што животот ми покажа дека кога имаш волја и верба – сè може да се успее,“ изјави Ѓорѓевиќ, додавајќи дека е горд што е дел од едно општество кое ги слуша сите приказни и сите гласови.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Превезувале огревно дрво без лиценца, приведени две лица во кумановско

„Затоа и сум дел од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Во нашата програма активностите за лицата со попреченост се многу значајни, па затоа и како советник ќе се залагам за попристапно и поинклузивно општество,“ истакна тој.

Ѓорѓевиќ најави дека меѓу активностите кои се предвидени во програмата се поставување пристапни рампи, пристапни веб-страници на институциите, адаптирани спортски сали, звучни семафори на клучните крстосници во градот и патеки за лицата со оштетен вид.

„Со тоа докажуваме дека преку еднаквоста можеме да изградиме похумано и поеднакво општество за сите,“ порача Ѓорѓевиќ.

Тој повика сите институции, организации и граѓани да придонесат во создавање општество во кое различностите ќе се прифаќаат, а не ограничуваат.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  94.041 лице во Куманово со право на глас, во сабота гласаат болни, немоќни и затвореници

„Да продолжиме да го градиме ова општество така што ќе биде поинклузивно и по-пристапно за сите, каде еднаквоста нема да биде само збор, туку начин на живеење,“ нагласи Ѓорѓевиќ.

„Можеме да создадеме средина каде децата со попреченост ќе имаат ист старт, а лицата со оштетен вид нема да се гледаат низ призмата на ограничување, туку низ знаењето и талентот,“ додаде тој.

Никола Ивановски