Германската армија почна да подготвува компании во таа земја за избувнување на војна, бидејќи во таква ситуација економијата би била загрозена од големи ограничувања, објавија денеска германските медиуми.
Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, вооружените сили на германскиот Бундесвер неодамна подготвуваат компании за војна врз основа на „Оперативниот план Германија“ за кој се договориле политичарите.
Првата верзија на овој стратешки документ е долга 1.000 страници, а деталите за планот се доверливи.
Според документот, наведени се сите згради и инфраструктурни објекти кои треба да се заштитат од воени причини, а документот содржи и планови како да се дејствува во случај на можна закана од Русија.
Улогата на економијата е јасно дефинирана во овие планови, пренесува германски NTV.
Стопанската комора на Хамбург беше првиот домаќин на состанокот на кој претставниците на релевантните компании добија директни совети во случај на воена ситуација.
Германскиот армиски потполковник Јерн Плиске ги советувал компаниите да обучуваат најмалку пет дополнителни возачи на камиони на секои 100 вработени кои не им се неопходни, пренесува Танјуг.
„Седумдесет проценти од сите камиони на германските патишта се возат од луѓе од Источна Европа. Ако таму избие војна, каде ќе бидат овие луѓе?“, рече Плише, објаснувајќи ја причината за оваа мерка.
Тој исто така предложи во случај на вонредна состојба секоја компанија да има конкретен план за тоа што очекува од своите вработени за време на кризата.
Според него, важно е сите вработени да се подготват адекватно за да се чувствуваат што е можно побезбедно, а на претставниците на компаниите им препорача да набават дизел генератор или сопствена ветерна турбина.
ФАЗ додава дека собири како оној во Хамбург се организираат низ цела Германија.