Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт очигледно одлучила да се повлече од таа функција, објавија повеќе германски медиуми, а според „Здојче цајтунг“ министерката има намера да поднесе оставка следната недела, пренесе Дојче веле.
Весникот „Билд“ пишува дека Кристин Ламбрехт ја донела одлуката за оставка и дека причината е сознанието дека е потребен нов почеток во Министерството за одбрана.
Портпаролот на Министерството за одбрана за агенцијата АФП изјави дека тоа се гласини кои не ги коментираат.
Дописникот на АРД, Стефан Штулик, рече дека германскиот канцелар Олаф Шолц ќе изгуби лојален министер доколку Ламбрехт поднесе оставка.
Дополнително, на наследникот му претстои тешка работа – Министерството за одбрана е пред големи задачи, особено во врска со специјалниот фонд од 100 милијарди за Бундесверот.
Како што пренесува „Билд“, во круговите на владата и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) веќе разговараат за ново лице на таа функција, а добри шанси би имала и комесарката за одбрана на Бундестагот, Ева Хегл.
Како можен наследник на Ламбрехт, според „Зидојче цајтунг“, покрај Хегел во игра е и парламентарната државна секретарка за одбрана Зимтје Мелер (СПД).
„Шпигел“ наведува дека е можна и реконструкција во кабинетот: министерот за труд Хубертус Хајл (СПД) би можел да премине во Министерството за одбрана.
Ламбрехт е на удар на критики со месеци, а последен пат поради нејзиното несреќно новогодишно видео.
Опозициската конзервативна Унија (ЦДУ и ЦСУ) постојано бараше нејзина оставка. Критичарите ја обвинија за бавни набавки за Бундесверот или недостаток на стручност, но и за нејзините јавни настапи. Фотографијата на нејзиниот син како патува со хеликоптер на Бундесверот се најде на насловните страници на многу медиуми.