Германка (23) со ирачко потекло барала двојничка на Инстаграм, односно жена која многу личи на неа и со помош на пријател ја убила за да си ја лажира смртта, веруваат истражители во Баварија, пренесува Гардијан.
Кога во август, во паркиран мерцедес во Инголштад, јужна Германија, беше пронајдено телото на млада жена покриено со крв, жртвата првично беше идентификувана како Шарабан К., 23-годишна козметичарка со ирачки корени од Минхен.
Неверојатен пресврт
Иако некои членови на семејството на Шарабан К. го идентификувале телото, обдукцијата извршена следниот ден покрена сомнеж за вистинскиот идентитет на жртвата.
Жртвата на крајот беше именувана како Кадиџа О., алжирска блогерка за убавина од Хајлброн во соседната држава Баден-Виртемберг, исто така 23-годишна.
И двете имаат долга црна права коса, сличен тен, а со шминка, двете жени изгледаа неверојатно слично, соопшти полицијата, што ги натерало германските медиуми да го наречат случајот „двојно убиство“.
Заедно со 23-годишниот Косовец Шеќир К., Шарабан К. беше приведена во Баварија на 19 август 2022 година, но властите до оваа недела јавно не шпекулираа за мотивот.
Жртвите и обвинетите биле повикани по име и иницијали, што е вообичаено во германскиот правен систем.
Сакала да се сокрие, па на Инстаграм нашла двојничка, ја намамила да се запознае и ја убила
„Истрагата нè доведе до претпоставка дека обвинетата сакала да се скрие поради семеен спор и во таа смисла да ја лажира сопствената смрт“, рече Вероника Гризер од државното обвинителство во Инголштад во понеделникот наутро.
Полицијата соопшти дека Шарабан К, која оперирала под голем број имиња на социјалните мрежи, контактирала со неколку жени кои личеле на неа во неделата пред убиството.
„Таа се обидела да иницира состаноци со различни ветувања, што на почетокот било неуспешно“, рече Гризер.
Но, Хадиџа О. се согласила да се сретне со Шарабан откако ја намамила нудејќи ѝ козметика, како што пишува Зидојче цајтунг.
Наводно на денот на убиството ја собрале од нејзиниот стан Шеќир К. и Шарабан К.
Во делот на шумата меѓу Хајлброн и Инголштад, двајцата обвинети наводно ја измислиле причината поради која Алжирката излегла од возилото. Потоа ја изболе до смрт.
Убиена со 50 убоди, лицето ѝ се изобличило
„Оружјето на злосторството не е пронајдено, но доказите се многубројни“, изјави портпаролот на полицијата Андреас Ајкеле за таблоидот „Билд“.
„Жртвата била убиена со повеќе од 50 убоди, лицето целосно ѝ беше изобличено.
Обвинителите тврдат дека по убиството, дуото го подигнало телото на жртвата на задното седиште во мерцедесот и се упатило кон Инголштад.
Тие го паркирале автомобилот во тивка станбена зона покрај брегот на Дунав, каде што го пронашле родителите на Шарабан К. кратко пред полноќ на 16 август 2022 година.
Иако истрагите се во тек, а некои сведоци сѐ уште треба да бидат сослушани, на 26 и 27 јануари беа издадени налози за апсење на Шеќир К. и Шарабан К., изјави портпаролот на обвинителот во Инголштад.
Двајцата се соочуваат со доживотен затвор доколку бидат прогласени за виновни.
„Не добивате ваков случај секој ден, особено со таков спектакуларен пресврт“, изјави Ајкеле за „Билд“.
„На денот кога го пронајдовме телото, немаше ништо што можеше да не подготви за овој развој на настаните“, додава таа.