Министерот за внатрешни работи на Германија, Александар Добринт, денес изрази надеж дека Европската Унија ќе постигне заеднички договор за испраќање на одбиените баратели на азил, кои не можат да се вратат во своите матични земји, во безбедни трети земји блиску до нивните татковини.
Во интервју за „Велт ам Зонтаг“, Добринт рече дека овој пристап ќе функционира само со согласност на сите членки на ЕУ, објави Ројтерс.
„Ни требаат трети земји кои се подготвени да примат мигранти кои не можат да се вратат дома“, рече тој.
„Ниту една земја-членка не може сама да имплементира таков модел, тој мора да се воспостави на ниво на целата ЕУ“, рече Добринт, додавајќи дека Германија веќе работи на подготовка на основата за тоа.
Неговите претходни најави за заострување на граничните контроли предизвикаа негодување кај соседните земји, кои се противат на враќањето на мигрантите на нивна територија.
Владата на канцеларот Фридрих Мерц, која дојде на власт во февруари со ветување за намалување на бројот на мигранти, се залага за построги мерки, иако бројот на барања за азил опаѓа повеќе од една година.
Порано овој месец, Европската комисија предложи план што ќе им овозможи на земјите-членки да им одбијат азил на мигрантите кои поминале низ „безбедна“ трета земја на својот пат.
Планот сè уште не е одобрен ниту на ниво на национални влади ниту во Европскиот парламент, а беше критикуван и од организациите за човекови права.
Италијанскиот план за обработка на барателите на азил спасени на море во Албанија моментално е во застој поради судски постапки, додека британскиот план за испраќање баратели на азил во Руанда, предложен од претходната конзервативна влада, беше откажан минатата година со доаѓањето на премиерот од редовите на лабуристите, Кир Стармер, пренесува Танјуг.