Германија размислува да го зголеми бројот на војници на 230.000

Сподели со своите пријатели

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека земјата размислува да го зголеми бројот на војници во вооружените сили на 230.000.

Loading...

Вооружените сили на Германија, Бундесверот, во моментов брои околу 180.000 униформирани членови, што е за околу 20.000 помалку од сегашната цел од 203.000 војници, поради долгогодишните проблеми со регрутирањето, јави Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Говорејќи во парламентот во Берлин, Писториус нагласи дека НАТО планира да воведе нови, построги цели за бројот на војници и оружје до 2025 година, во согласност со влошената безбедносна ситуација поради војната во Украина.

Според претходните проценки на НАТО, потребни се дополнителни 35 до 50 бригади за одбрана од потенцијален руски напад, што претставува меѓу 105.000 и 350.000 војници.

Од Германија, која вообичаено обезбедува околу десет отсто од капацитетите на НАТО, би можело да се бара да придонесе со дополнителни три до пет бригади, во износ меѓу 20.000 и 30.000 војници.

Тоа би значело формирање на уште една дивизија, покрај трите што Берлин веќе ги опремува.

Германското Министерство за одбрана не сакаше да ги коментира овие планови.