Германија на чекор да воведе задолжителна вакцинација?

Сподели со своите пријатели

Новата германска влада има намера од средината на март да воведе задолжителна вакцинација за вработените во одредени сектори.

Loading...

Од 16 март, германската влада сака да ја направи вакцинацијата против коронавирус задолжителна за сите вработени во болниците, домовите за стари и немоќни лица и другите здравствени установи, според нацрт-законот до кој Ројтерс имал пристап.

Досега Германија избегнуваше воведување задолжителна вакцинација од страв дека може да останат без медицински персонал и негувателки, но сега се одлучи на тој потег бидејќи расте бројот на новозаразени во четвртиот бран на пандемијата.

Социјалдемократите, Зелените и Либерално-демократската партија, кои во среда ќе формираат нова влада, следната недела ќе го претстават новиот закон пред парламентот.

Во нацрт-законот се наведува дека вработените во здравствениот и медицинскиот сектор од 15 март ќе треба да имаат доказ дека се вакцинирани против коронавирусот, дека ја прележале болеста или потврда дека не можат да ја примат вакцината.

Бидејќи Германија има намера да вакцинира 30 милиони луѓе пред Божиќ, законот исто така ќе им овозможи на стоматолозите, ветеринарите и фармацевтите привремено да ги вакцинираат луѓето, откако ќе ја поминат предвидената обука.

Предложениот закон ќе ги продолжи привремените мерки до 15 февруари, што ќе им овозможи на германските сојузни држави да воведат уште построги мерки доколку е потребно.