Германското Министерство за одбрана предупреди на одредени ризици во врска со купувањето на американски борбени авиони Ф-35, произведени од Локхид Мартин.
Министерството смета дека постојат огромни ризици околу планираната набавка на „невидливи“ бомбардери, пренесува Танјуг, повикувајќи се на германските медиуми.
Ова доаѓа од доверливите документи доставени до комисијата за финансии на Бундестагот.
Министерството за одбрана предупредува на можно зголемување на трошоците и доцнење.
Во документот се вели дека аеродромот во Бихел, на западот на Германија, нема да биде завршен до 2026 година, а потребна е ремоделација на Ф-35.
За откупот се очекуваат 9,99 милијарди евра
Министерството посочува дека безбедносните барања на Соединетите Американски Држави се претерани и дека тоа може да доведе до дополнителни одложувања и дополнителни трошоци.
Од Министерството наведуваат дека може да дојде до доцнење со испораката на потребните документи за издавање на употребната дозвола за авионите или дури и да не се издаваат поради правни проблеми, поради што авионите можеле да се користат само за ограничен обем.
Дополнително, Министерството наведе дополнителни фактори кои можат да доведат до зголемување на цените, од инфлација до курс на доларот и зголемување на производните цени.
Германија одвои 9,99 милијарди евра за набавка на 35 авиони Ф-35, а овие пари треба да дојдат од буџетот од 100 милијарди, кој беше воспоставен како вонредна состојба за одбраната по почетокот на војната во Украина.