Германија дополнително ја зајакнува заштитата на израелските и еврејските институции по нападот на Израел врз Иран, објави канцеларот Фридрих Мерц во петокот по состанокот на кабинетот за безбедност.
Исто така, беше договорено дека „ќе бидат преземени сите потребни мерки за заштита на германските граѓани во Израел, Иран и регионот“, според писмената изјава на Мерц. Канцеларот не разјасни за какви мерки на претпазливост зборува.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го информираше Мерц во телефонски разговор во петокот наутро за воената операција и нејзините цели.
Канцеларот ги повика Израел и Иран да избегнуваат потези што би можеле да резултираат со понатамошна ескалација, а исто така нагласи дека Израел има право да го брани своето постоење и своите жители.
„Германија е подготвена да ги искористи сите расположливи дипломатски средства за да влијае врз страните во конфликтот. Целта мора да остане Иран да не развива нуклеарно оружје“, се додава во соопштението.
Во соопштението на владата се потсетува дека Берлин со години изразува загриженост за напредната нуклеарна програма на Иран.
„Иранската нуклеарна програма ги крши одредбите од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и претставува голема закана за целиот регион, а особено за Државата Израел“, рече Мерц.