Германските власти одлучија да го затворат берлинското биро на руската државна телевизија Канал 1, наведувајќи ги како причина загриженоста за националната безбедност, објави денеска телевизијата, пренесува The Moscow Times.
Дописникот на Канал 1, Иван Благој, рече дека тој и снимателот Дмитри Волков добиле наредба да ја напуштат Германија до средината на декември.
„Мотивот за одлуката е германската национална безбедност“, рече Благој, осврнувајќи се на документот од 10 страници објавен од германските власти.
Според Канал 1, документот тврди дека радиодифузерот претставува „значајна и директна закана за јавниот ред и безбедност во Германија и ЕУ“ преку неговата способност да влијае на јавното мислење и врз одлучувањето.
Официјални лица во Берлин, наводно, тврдат дека Канал 1 поттикнал недоверба меѓу мигрантите кои зборуваат руски во Германија кон германските и институциите на ЕУ, промовирајќи наратив за „западот во опаѓање“.
И покрај ограничувањата за медиумите поддржани од руската држава, Канал 1 задржува значителна гледаност меѓу поранешните советски мигранти во Германија, се вели во документот.
Благој тврди дека наредбата за затворање на руското ТВ биро дошла „речиси веднаш“ откако Канал 1 објави извештај за неодамнешното апсење на германски државјанин во руската област Калининград под обвинение за саботажа.
Руското Министерство за надворешни работи вети одмазднички мерки.
Кон крајот на 2021 година, Германија успешно лобираше да ја блокира верзијата на рускиот радиодифузер RT на германски јазик од европската сателитска мрежа, што ја натера Русија да го затвори московското биро на Дојче веле како одмазда.