Германските граѓани се предупредени да се подготват за можна Трета светска војна со Русија, откако рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш се закани со нуклеарен напад.
Тензиите се зголемија откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи ракети со долг дострел за да ја нападне Русија, по што Путин потпиша декрет со кој нуклеарното оружје е последна линија на одбрана.
Москва подоцна потврди дека Украина користела американско оружје за да го нападне регионот Брјанск.
Во септември, Путин рече дека ако западните земји и дозволат на Украина да нападне подлабоко во Русија со ракети со долг дострел, „тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се во војна со Русија“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Русија не е само воена, туку и хибридна закана и дека Европа треба да има широк пристап кон одбраната.
Германското Министерство за надворешни работи, исто така, вети дека Путин нема да ја „заплаши“ земјата откако беше откриено дека Германија ќе стане полигон за обука на НАТО доколку конфликтот дополнително ескалира.
Во документот од 1.000 страници, наречен „Operationsplan Deutschland“, Германија ќе биде домаќин на стотици илјади војници од земјите на НАТО.
Ќе служи како логистички центар за испраќање воена опрема, храна и лекови на фронтот.
Војската во Германија, исто така, ги информираше цивилите и деловните субјекти како да ја заштитат инфраструктурата и да бидат подготвени да ја одбранат земјата доколку биде нападната, било да е тоа саботажа, напади со беспилотни летала или шпионски операции.
Треба да се постават планови за кризи со луѓе кои ќе бидат одговорни што да прават во итни случаи, додека треба да се направат залихи на дизел.
Плановите на Германија следат чекори што веќе ги преземаа скандинавските земји.
Финска ги потсети своите граѓани на нивната „обврска за национална одбрана“ и неодамна отвори нова информативна веб-страница, додека Шведска објави детален водич за тоа како да се побара засолниште и што да се прави во случај на нуклеарен напад.
Нивните прирачници за насоки следат слични совети издадени од нивните балтички соседи Норвешка и Данска, кои поставија списоци на храна и лекови што граѓаните треба да ги имаат.
Германскиот министер за одбрана Писториус во вторникот рече дека официјалните лица мора да претпостават дека оштетувањето на двата кабли за податоци под Балтичкото Море, од кои едниот завршува во Германија, е предизвикана од саботажа – иако тој рече дека засега немаат докази.
Да потсетиме, американскиот претседател Џо Бајден во меѓувреме даде уште едно „зелено светло“ за Украина и одобри испраќање противпешадиски мини. Ова треба да помогне да се забави рускиот напредок на истокот на земјата.
САД очекуваат Украина да користи мини на нејзина територија, иако вети дека нема да ги користи во области населени со цивили, изјави официјален претставник за Ројтерс.
Покрај тоа, пет извори запознаени со ситуацијата во Кремљ за Ројтерс изјавиле дека Путин е подготвен да разговара за прекин на огнот во Украина со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но исклучува какви било големи територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од амбициите за влез во НАТО.