Германското Министерство за надворешни работи денеска издаде предупредување до своите граѓани да не патуваат во Бахреин, Ирак, Израел, Јордан, Катар, Кувајт, Либан, Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади на Иран.
Германското министерство објави и дека издало дополнителна наредба за напуштање на Либан, како и дека германските амбасади се во контакт со германски државјани во регионот, пренесува Ројтерс.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно денеска објавија дека нивните напади против Иран, заедно со САД, биле насочени кон „десетици воени цели“ и биле извршени „како дел од широка, координирана и заедничка офанзива против режимот“.
Од утрово од Иран се лансирани околу 35 балистички ракети кон Израел, според прелиминарните воени проценки, а ирански напади се забележани и во неколку земји на Блискиот Исток, вклучително Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, пренесува Танјуг.

