Судот во градот Трир на југозападниот дел на Германија осуди на доживотен затвор Германец (52), кој во декември 2020 година дивееше низ улиците на тој град, убивајќи пет, а тешко рани 18 лица.
Германската новинска агенција ДПА објави дека судиите заклучиле дека човекот, чие име не е објавено за заштита на приватноста, намерно возел цик-цак низ пешачката зона за да убие или осакати што повеќе луѓе, пренесува АП.
За време на смртоносното возење во Трир загинаа тримесечно бебе, нејзиниот татко и три жени на возраст од 25, 52 и 73 години, а 18 лица се тешко повредени.
Медицинските експерти кои сведочеа во текот на судската постапка тврдат дека човекот боледува од параноична шизофренија и заблуди, во кои е вклучена и бизарната теорија дека владата заговара против него.
Инспекторите сведочеа дека убиецот со денови живеел во позајмен теренец Ленд Ровер, кој го користел и во неговиот убиствен напад.
Обвинетиот, по професија електричар, одбил да даде исказ во судот.
Тој е осуден на доживотен затвор, со задолжително лекување во психијатриска установа.