Германскиот министер за економија ги повика граѓаните да ја намалат потрошувачката на енергија откако руската енергетска компанија Газпром почна значително да ја намалува количината на гас што ја испорачува за најголемата европска економија.
„Газпром“ соопшти дека количината на гас што минува низ гасоводот „Северен тек 1“ ќе се намали на 67 милиони кубни метри дневно од 167 милиони кубни метри претходно оваа недела, наведувајќи ги потребните поправки.
Кратењата претставуваат приближно 60 отсто намалување на гасот за Германија преку гасоводот за само два дена. Европските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руските фосилни горива поради војната во Украина, но со ограничен успех.
„Секој киловат-час помага во оваа ситуација“
Министерот за економија Роберт Хабек во видео објавено на Твитер рече дека „сега е време“ да се заштеди на потрошувачката на енергија.
„Секој киловат-час помага во оваа ситуација“, рече Хабек. Иако испораките за Германија се сигурни со придонеси од други, поскапи извори, „треба да бидеме внимателни“, рече Хабек.
„Пред сè, не смееме да дозволиме да бидеме поделени, а тоа го има намера (рускиот претседател Владимир) Путин“, додаде тој.