Групата од седум водечки економии во светот (Г7) ќе формира работна група која ќе се фокусира на замрзнување и конфискација на имотот на руската елита, со цел да се изврши дополнителен притисок врз Русија по нападот на Украина, изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен.
Овој потег „ќе им зададе финансиски удар на моќните поединци околу Путин и ќе стави до знаење дека никој не е надвор од нашиот колективен дофат“, рече Јелен во изјавата објавена по виртуелниот состанок на шефовите за финансии на Г7.
Таа нагласи дека Г7, исто така, ќе продолжи да го поддржува отстранувањето на клучните руски финансиски институции од банкарскиот систем SWIFT, додавајќи дека групата очекува досега воведените санкции да ја „намалат способноста на руската влада да ја финансира својата инвазија“ на Украина.
Ројтерс потсетува дека претходно во вторникот германскиот министер за финансии Кристијан Линднер најави дека Г7 очекува договор за можни дополнителни санкции во наредните денови, иако не даде детали за кои потези се разговара.
„Сакаме да ја изолираме Русија политички, финансиски и економски. Разменивме мислења за примената на сегашните санкции и предлози за тоа какви дополнителни мерки би можеле да се преземат, рече тој, додавајќи дека договор за тоа ќе биде постигнат во наредните денови.
Линднер изјави дека влијанието на мерките за ограничување на активностите на руската централна банка и исклучувањето на одредени руски банки од SWIFT, системот за меѓубанкарски пораки, веќе ги надмина очекувањата, пренесува Танјуг.
„Рубљата е во слободен пад“, рече тој, истакнувајќи дека руската валута ослабе на околу 112 рубљи за долар при тргувањето во вторникот.